Согласно Планот за работа на Генералштабот на Армијата, денеска во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево, се реализираше годишното реферирање за борбената готовност, на кое командантите на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата реферираа пред началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во рамки на реферирањето, командантите на прво потчинетите команди и единици на Генералштабот на Армијата презентираа за состојбите од областа на персоналот, обуката, вежбите, опремувањето, инфраструктурата, военото планирање, структурата на силите, модернизацијата и опремувањето, операциите и буџетирањето и финансирањето.
Воедно, беа презентирани и ангажирањата на Армијата во услови на кризна состојба, како и позитивните достигнувања во 2025 година и нивното влијание врз борбената готовност.
На крајот од реферирањето, генералот Лафчиски ги изнесе своите заклучоци од презентираната состојба и даде насоки за понатамошно унапредување на борбената готовност.
Во рамките на денешната активност, генералот Лафчиски го потпиша и „Правилото за хаубица Боран 105 мм“, а во кое се содржат одредби за опис на хаубицата, должностите и постапките на лицата кои ракуваат со истата, како и одржување на орудието.








