Денес, (5-ти септември), во ГШ на АРМ со високи воени почести беше пречекан началникот на ГШ на Вооружените Сили (ВС) на Република Албанија, генерал-мајор Џемал Ѓункши кој претстојува во дводневна официјална посета на АРМ, а домаќин му е началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Ѓункши оствари средба и со министерот за одбрана, Талат Џафери.
На разговорите во ГШ на АРМ, гостите беа запознаени со реформските процеси во одбраната, трансформацијата на АРМ, со новата организациско-формациска структура и учеството на АРМ во меѓународните мировни мисии. На средбата, беше истакната одличната билатерална воена соработка, како и придонесот кој двете армии го даваат во интегративните процеси во регионот преку Јадранската група (А5) и долгогодишното учество во Бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG). Покрај продолжување со активното учество во заедничките проекти, на средбата од страна на двајцата армиски лидери беше искажана подготвеност за проширување на билатералната соработка помеѓу двете армии во делот на военото образование, користењето на капацитетите на регионалните центри за обука, како и можноста за идно заедничко ангажирање во мисијата ИСАФ по 2014 година.
По средбата во ГШ на АРМ, генералот Ѓункши го посети Воено-медицинскиот центар на АРМ, каде беше запознаен со мисијата, задачите и капацитетите на центарот и неговите можности за изведување на воено-медицинска обука.
АРМ има развиено одлична билатерална соработка со ВС на Република Албанија која е најизразена на полето на военото образование, обуката и вежбите, како на билатерален план, така и во рамките на регионалната соработка низ заедничко учество во проектите на Јадранската повелба, форумот на началници на генералштабови на армиите од балканските земји и иницијативите за Југоисточна Европа. Посетата на началникот на ГШ на ВС на Република Албанија ќе придонесе во унапредувањето на соработката помеѓу двете армии која се движи во нагорна линија.