Командантот на Копнените сили на САД за Европа, генерал-потполковник Фредерик Бен Хоџис, кој е за првпат во официјална посета на Република Македонија и АРМ, денес престојуваше во ГШ на АРМ.
За време на денешната средба во ГШ, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски изрази благодарност за сеопфатната поддршка на АРМ од Командата на Вооружените сили на САД за јакнење на одбранбените капацитети и подигнување на подготвеноста на АРМ преку поддршката на учество на АРМ на вежбовните активности како и спроведувањето на одбранбени проекти од регионално значење со акцент на Балканските медицински наменски сили. Командата на Вооружените сили на САД логистички ја поддржа АРМ при учеството на мултинационалната вежба „Анаконда-16“, каде 157 припадници на АРМ имаа можност да ја докажат интероперабилноста со останатите армии од НАТО.
Меѓу другото за време на официјалните разговори стана збор и за капацитетите кои АРМ може да ги понуди за обука и тренинг како и заедничко учество на АРМ на меѓународните вежби со претставници од Копнените сили на САД за Европа во 2017 година.
Началникот на ГШ на АРМ во своето обраќање пред медиумите информираше дека капацитетите, можностите и достигнувањата на нашите припадници на вежбата „Анаконда -16“ беа високо оценети од армијата на САД што ни дава за право да констатираме дека сме на правиот пат кон полноправно членство во НАТО.
Генералот Хоџис во изјавата за медиумите истакна дека е импресиониран од ентузијазмот на питомците на Воената академија пред кои во текот на вчерашниот ден имаше обраќање и вети целосна поддршка за развивање на оваа институција во рамките на неговите можности. Исто така ја истакна посветеноста на АРМ и МО да се движат напред кон Евроатланската интеграција, каде членството на Република Македонија ќе придонесе за зголемување на безбедноста и стабилноста во Европа и регионот.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Хоџис оствари средба и со министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Генералот Хоџис денешната посета на АРМ ја заокружи со посета на баталјонот на воена полиција, каде беа презентирани структурата, задачите како и дел од средствата со кои располага единицата.