Командата за обука и доктрини, како дел од активностите со кои се одбележуваат 30 години од постоењето на Армијата и како носител на традициите на приемот на првите регрути и почетокот на изведување на обуката, со воена свеченост во касарната „Алексо Демниевски Бауман” во Велес, го одбележа 15 април -Денот на единицата.
Пред присутните свое обраќање имаа министерката Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик на командантот на КОД, полковник Стојанче Тодоров.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска обраќајќи се пред припадниците на оваа команда истакна дека сите старешини, питомци и војници, кои се дел од оваа единица, претставуваат значајна алка во синџирот за одржување на борбата готовност на македонската Армија и развој на вештините и можностите на секој припадник.
„Заеднички со Генералштабот и Командата за обука и доктрини го развиваме најважното – тоа се човечките капацитети. Нашата цел е да овозможиме стабилна и развојна кариера, постојана едукација и доусовршување, обуки и вежби за секој припадник бидејќи за нас човечкиот потенцијал е најголемо богатство!“, рече министерката Петровска.
Генералот Ѓурчиновски во обраќањето истакна дека денешниот ден е еден од особено значајните датуми во историјата на Командата за обука и доктрини единицата, но и за Армијата затоа што на овој ден пред 30 години официјално започнаа да се пополнуваат нашите касарни и армиски состави, со што формално правно започна да функционира Армијата.
„Ќе ја имате поддршката од Генералштабот и Министерството за одбрана во реализација на приоритетите, а секако и за развојот и надградбата на полигонот Криволак како еден од нашите национални приоритети“, додаде генералот Ѓурчиновски, кој на крајот одаде признание на командата за изработените воени публикации кои ќе бидат публикувани оваа година.
Пред стројот се обрати и заменик на командантот на КОД, полковник Стојанче Тодоров кој истакна дека во оваа команда низ програмите за обука се обучуваа 39 генерации на граѓани на доброволно служење на воен рок, од кои дел од нив се наоѓаат во состав на Армијата како професионални војници. Во досегашниот период поставените задачи ги реализиравме професионално, а во периодот кој е пред нас продолжуваме со реализацијата на доделената мисија, произлезени задачи и предизвиците кои ги носи современото опкружување, истакна Тодоров.
На прославата присуствуваа државниот секретар во министерството за одбрана, Драган Николиќ, генерали на Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот и претставници од организациите со кои соработува командата.
Во рамки на свеченоста беа унапредени, пофалени и наградени повеќе припадници на КОД за остварените резултати во работењето, а се доделија и плакети на поранешни команданти, организации и екипи кои учествуваа во натпреварите организирани по повод денот на единицата.
Во склоп на свеченоста беа доделени и признанија на авторите на прво освоените творби на ликовниот конкурс и конкурс за најдобра поема кој беше организиран во соработка со основните училишта „Васил Главинов“ и „Кирил и Методиј“.
Командата за обука и доктрини го одбележува 15 април, како носител на традициите на периодот кога пред триесет години во редовите на Армијата отпочнаа да пристигнуваат првите регрути на отслужување на воениот рок.
Во далечната 1992 година, за многу краток период по преземањето на сите воени објекти, со огромен ентузијазам и ангажирање на старешините и на граѓанските лица, касарните во Скопје, во Битола, во Штип и во Охрид беа подготвени да ги примат првите македонски регрути.
Панче Јамандиев од Велес е првиот забележан регрут кој е пријавен во гарнизонот во Охрид, како еден од младите лица кои требаше во септември истата година да заминат во составот на тогашна ЈНА, а со одлука на тогашната Владата беа повикани да служат во редовите на нашата Армија.
Според програмата за обука, македонските регрути има двеипол месечна обука, а потоа најголем дел од нив беа упатени да ги пополнат граничните единици, додека помал дел од нив се подготвуваа за пополнување на единиците на воената полиција и за вршење на останатите служби и должности.