Како дел од планираните активности со кои во текот на годината се одбележува 30-годишниот јубилеј на Армијата, Воениот оркестар на Армија на Република Северна Македонија на 11ти Октомври – Денот на народното востание, во Домот на Армијата во Скопје реализира едночасовен вечерен концерт.
На концертот учествуваа и припадници од воениот оркестар на Армијата на Република Албанија, додека како гости настапија солистката на кавал, Бајса Арифовска, вокалните солисти Светлана Јовановска и Дејан Николовски и музички изведувачи од реномираните национални музички институции и самостојни музички уметници.
Репертоарот на концертот, кој се изведе под слоганот на јубилејната година, „Безбедност, стабилност, доверба“ се содржеше од музички нумери од македонската евергрин сцена, песни од воените фестивали, но и композиции на познати светски автори, како Лучијано Фелицијани, Ричард Штраус, Густав Холст.
На концертот покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот на министерката за одбрана, Башким Хасани присуствуваше военото раководство од Генералштабот и Министерството за одбрана, припадници од командите и единиците на Армијата, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, претставници од Собранието и Владата на Република Северна Македонија, претставници од амбасадите и воено-дипломатскиот кор и други гости.
Концертот е завршна активност со кои годинава, Армијата на Република Северна Македонија ги одбележа 30 години од своето формирање, со кој воедно се промовираше и соработката со сојузничките армии и со државните институции.
Со концертот заврши и изложбата на фотографии од 30-годишниот развој на Армијата кој беше изложен за јавноста во фоајето пред влезот на концертната сала во Домот на Армијата.