Министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска ги посетија припадниците на 3.пешадиски баталјон во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово.
За време на посетата командантот на 3. пешадиски баталјон, мајор Миле Станоевски, реализираше брифинг за ангажманот на припадниците од составот на овој баталјон во мисиите ALTHEA, KFOR и мултинационалните сили на НАТО во Романија и Бугарија. Дополнително, беше истакнат придонесот на припадниците на баталјонот во поддршка на Министерството за внатрешни работи за обезбедување на јужната граница и во спречувањето на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на Казнено-поправната установа – „Идризово“.
Во рамките на посетата министерот Мисајловски и генералот Сашко Лафчиски извршија увид на дел од објектите во гарнизонот Тетово за кои е планирана реконструкција, а со цел унапредување на условите за живот и работа на припадниците на Армијата.
Министерот Мисајловски во оваа прилика нагласи дека грижата за секој припадник на Армијата е приоритет за Министерството, а особено овозможувањето соодветни услови за работа, затоа што секој од нив дава свој значаен придонес за заштитата и безбедноста на граѓаните.