Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово ја посетија Командата за операции (КО).
За време на посетата министерот беше информиран за активностите на КО, како и за следните планови за развој. Мисајловски рече дека е горд на припадниците кои се дел од Командата и единиците во нејзин состав, при што додаде дека тие се вистински приказ за професионализмот во Армијата и за посветеноста кон безбедноста и сигурноста на граѓаните. „Министерството ќе продолжи посветено да работи во поддршка на развојот на Армијата, особено во процесот на модернизација и опремување“, порача министерот на заедничката средба.
Заедно со генералот Лафчиски и министерот Мисајловски, Командата за операции ја посетија и заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев и командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини, кои беа пречекани од командантот на КО бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Денешната посета на Командата за операции е прва посета на министерот Мисајловски, откако на оваа команда е назначен новиот командант бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.