Началникот на генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, додели златни значки на припадници на Армијата, доктори од воено медицинскиот центар мајор Дејана Шврака и мајор Зоран Чанаковски за покажаната стручност и особено залагање за време на вежбата „Одлучен Удар 19“.
Припадниците на Армијата, мајорите Шврака и Чанаковски беа дел од медицинските тимови на Армијата кои учествуваа како медицинска поддршка за цело време на изведување на најмасовната досега воена вежба кај нас „Одлучен Удар 19“, на која благодарејќи на стручноста, професионализмот и брза интервенција со која се превенираа посериозни здравствени проблеми кои можат да бидат живото загрозувачки.
Од страна на генералот Ѓурчиновски при доделувањето на признанијата се искажаа пофални зборови за севкупното залагање и ангажман на целиот персонал од медицинските тимови кои со нивната стручност и координација со цивилните здравствени установи во државата придонесоа ваква обемна меѓународна воена вежба да помине без посериозни здравствени последици што претставува особен успех за целата армиска организација.
На вежбата „Одлучен удар“, која се изведе во период од 15.05 до 15.07.2019 година на АП „Криволак“ учествуваа повеќе од 2700 припадници од вооружени сили на шест држави: Република Северна Македонија со копнени, воздухопловни и специјални сили, Соединетите Американски Држави (Национална гарда на Пенсилванија, 19 група за Специјални операции и Воздухопловни сили на САД), Литванија и Црна Гора со артилериски капацитети и специјални сили на Бугарија и Албанија.