Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес во Центарот за обука „Пепелиште“ ги посети слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери на служби кои ја изведуваат последната фаза од обуката по која ќе бидат промовирани во офицерски чин поручник.
Генералот Ѓурчиновски за време на посетата во разговор со идните офицери им порача дека како дел од најреспектабилната институција во Републиката, очекува од нив со голема мотивација да го дадат својот придонес, а стекнатите знаења да им бидат поттик во постигнување на високи резултати и успешно градење на понатамошната воена кариера.
Притоа напомена дека знаењата кои ги имаат стекнато со завршувањето на високото образование и стекнатите вештини од стручното оспособување и усовршување да им бидат поттик за градење на лидерските способности и за придонес во развивање на воените колективи каде ќе бидат распоредени.
На шестмесечниот курс за стручно оспособување и усовршување за офицери на служби учествуваат 30 (триесет) слушатели, кои ќе стапат на служба во редовите на Армијата како дел од санитетската, музичката, правната и техничката служба, но и со општа воена специјалност.
По претстојната промоција во офицерски чинови, која ќе се реализира со воена свеченост на крајот од овој месец, новите офицери ќе отпочнат со градење на својата воена кариера согласно родовите на кои припаѓаат во единиците на Армијата во гарнизоните низ Републиката.