Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваше на Конференцијата на командантите на Јужното крило на НАТО, која се одржа на 19 и 20 ноември во Здружената команда на НАТО силите во Неапол, Република Италија.
На годинашнава координативна Конференција, која ја отвори командантот на Врховната сојузничка команда за операции, генералот Кристофер Каволи, беа дискутирани повеќе теми од стратешко значење за Алијансата, регионалните планови на НАТО, како и активностите под надлежност на Здружената команда на НАТО силите во Неапол.
Генералот Лафчиски, во рамки на агендата ги сподели нашиот придонес и ангажман, пред сѐ во операциите, вежбите и иницијативите кои се од заеднички интерес на сојузничките и партнерските земји, кои се дел од Јужното крило на НАТО.
Воедно, на Конференцијата беа разгледани резултатите од Самитот на НАТО во Вашингтон, трансформацијата на командните структури, справувањето со секаков облик на безбедносни предизвици, меѓу кои и терористичките закани во зоната на надлежности на Здружената команда на НАТО силите, како и можностите за унапредување на регионалната соработка помеѓу сојузниците и земјите партнери со цел зајакнување на безбедносната состојба.
Учеството на генералот Лафчиски на Конференцијата е особено значајно пред сè од аспект за јакнењето на нашата улога и придонесот во активностите на Здружените НАТО команди, со акцент на заедничките напори за зачувување на мирот и стабилноста во регионот.