Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес учествуваше на 28. конференција на началниците на Генералштабовите на Вооружените сили од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), која се одржува во Тирана, Република Албанија.
На денешната конференција, чиј домаќин е началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Босна и Херцеговина, генерал-потполковник Гојко Кнежевич, се дискутираше на темата „А-5 за стабилност и соработка: Изградба на безбедна средина преку цивилно-воена синергија и регионален дијалог“.
Во рамките на конференцијата генералот Лафчиски ја истакна важноста на цивилно – воената соработка помеѓу А-5 земјите, особено во време на глобални предизвици кои бараат заеднички одговор и координација. Генералот нагласи дека регионалната соработка претставува клучен елемент за изградба на стабилност, безбедност и доверба. Дополнително, се даде акцент на силната соработка на Армијата со цивилните структури на нашата држава, што претставува значаен пример за ефикасно користење на сите општествени капацитети во справување со елементарните непогоди, кои ја зафатија државата.
По завршување на конференцијата потпишана е заедничка изјава со која се потврдува заложбата за натамошно зајакнување и продлабочување на односите, како и проширување на воената соработка со цел унапредување на регионалната безбедност.
Во рамките на програмата генералот Лафчиски оствари билатерални средби со дел од началниците на Генералштабовите од земјите членки на А-5, како и со врховниот командант на Сојузничките сили во Европа (SACEUR) воедно и командантот на европската команда на САД за Европа (EUCOM), генералот Алексис Гринкевич.
Како набљудувачи на конференцијата присуствуваа и воени претставници од Генералштабовите на Вооружените сили на Словенија и од Косовските безбедносни сили, а во улога на гости беа и командантите на Националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите членки од А-5.
Ден претходно се одржа конференција на главните подофицери на Вооружените сили на земјите членки на А-5.