Делегацијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, која се наоѓа во работна посета на Соединетите Американски Држави, по остварената посета на Пентагон, во изминатите денови престојуваше во Бурлингтон, Вермонт и во Детроит.
За време на престојот во Бурлингтон во Федералната агенција за менаџмент на итни состојби се одржаа повеќе работни состаноци на кои покрај нашата делегација присуствуваа и директорите на ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување и други претставници од институциите од Републиката задолжени за справување со кризни состојби.
За време на работните средби во дискусии од страна на началникот на Генералштабот, командантот на Националната гарда на Вермонт, директорот на Агенцијата за менаџмент на итни состојби на Вермонт и Федералниот координатор за подготовки во Федералната агенција за менаџмент на итни состојби се споделуваа искуства при справувањето со итни состојби и кризи и се разработуваа различни сценарија на одговор при катастрофи.
Во текот на денешниот ден началникот на Генералштабот оствари посета на Командата на ВС на САД за опремување и вооружување, каде имаше средби со воените раководители на оваа значајна команда на Вооружените сили на САД, по што ќе оствари средби и со претставници на компанијата Ошкош.
На крајот од повеќедневната работна посета на САД, во понеделник во Форт Левенворт на генералот Ѓурчиновски на посебна церемонија ќе му биде оддадено признание со прием во Куќата на славните.
Признание кое се доделува на познати личности кои постигнале исклучителни резултати во военото раководење и имаат значаен придонес за историјата, наследството и традициите во Армијата, а кои се школувале на оваа висока воена институција.
Признанието, кое ќе се додели на 07.03.2022 година на церемонија со почеток во 10.00 часот, по локално време, ќе биде прво вакво признание на еден претставник од нашата држава.