Началникот на генералштабот (НГШ) на Вооружените сили (ВС) на Република Полска генерал Мјечеслав Гоцул, во рамки на тридневната официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, која е прва остварена посета на НГШ на ВС на Р. Полска, престојуваше во Генералштабот (ГШ) на АРМ.
НГШ на ВС на Република Полска генерал Гоцул, по пречекот со високи воени почести оствари средба со Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата на ВС на Р. Полска и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ.
На средбата и официјалните разговори пред делегацијата покрај презентирањето на мисијата на АРМ, учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, активностите кои АРМ ги спроведува во справување со мигрантската криза, се разговараше на теми поврзани со актуелната безбедносната ситуација во регионот, како и разгледување на можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка во повеќе области на одбраната, посебно во изведување на заедничка обука, учество на вежби и мисии на специјалните единици на двете армии.
На разговорите генералот Величковски меѓу другото посебно го истакна значењето на оваа средба пред се од аспект на прва одржана средба на ниво помеѓу Началници на генералштабови на двете армии, која се реализира непосредно пред одржување на НАТО самитот во Варшава и непосредно по „Анаконда 2016“ каде АРМ учествуваше со респектабилна бројка од 157 свои припадници.
Генералот Гоцул се осврна на придонесот кој АРМ го дава со своето учество во мировните мисии и меѓународни вежби, со посебен осврт на покажаната интероперабилност и стандарди од припадниците на АРМ на оваа најголема воената вежба на НАТО која се изведуваше во Република Полска, каде АРМ се докажува како значаен допринесувач во колективната сигурност.
Делегацијата во придружба на генерал Величковски по посетата на ГШ на АРМ е примена од страна на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на ВС н.е. д-р Ѓорге Иванов, а во текот на денот ќе ја посети и јужната граница во реонот на караулата „Богородица“ на македонско-грчката граница, каде ќе се одржи брифинг за актуелната состојба со мигрантската криза и начинот на кој АРМ се ангажира во справување со истата.
Посетата на највисоко армиско ниво од страна на оваа армија која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, е еден вид на уважување и признание за активностите кои АРМ ги реализира во исполнувањето на обврските во однос на достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста со армиите на земјите членки на НАТО и претставува одличен патоказ за понатамошно развивање на меѓусебните релации.
Во текот на утрешниот ден делегацијата ќе оствари посета и на Центарот за обука на пилоти во Петровец.