Високата воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од Началникот на ГШ на ВС на Унгарија генерал Тибор Бенко, која се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија денес престојуваше во Генералштабот (ГШ) на АРМ.
Делегацијата придружувана од амбасадорот на Унгарија во Република Македонија НЕ Јожеф Бенце беше пречекана со високи воени почести од страна на Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, по што следуваа меѓусебни средби помеѓу началниците на генералштабови и средба со министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Потребата за интензивирање на билатералната соработка помеѓу двете армии и размена на искуства во справување со актуелните безбедносни предизвици поврзани со мигрантската криза, можноста за заеднички настапи во изведување на воена обука со користење на капацитетите со кои располага МО и АРМ беа едни од клучните теми за време на официјалните разговори на кој присуствуваше и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ.
Помеѓу останатото на делегацијата им беа презентирани активностите кои АРМ ги превзема во досегашното справување со актуелната мигрантска криза, процесот на трансформација на АРМ и учеството во операции за поддршка на мирот.
Во текот денот генералот Тибор Бенко ќе биде примен од страна на претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили на Република Македонија Н.Е. д-р Ѓорѓе Иванов, а во текот на утрешниот ден делегацијата ќе ги посети Армискиот Полигон „Криволак“ и караулата Богородица на македонско-грчката граница, каде ќе имаат прилика да се запознаат со активностите кои единиците на АРМ успешно ги извршуваат во поддршка на единиците на МВР при справувањето со предизвиците од мигрантската криза.
Посетата на ниво на Началници на Генералштабови на армиите членки на НАТО кои во овој период остваруваат посети на АРМ се одлична прилика за продлабочување и интензивирање на меѓусебните воени соработки и очекувана поддршка од нивна страна кон полноправното членство на Република Македонија во НАТО алијансата.