Баталјонот за почести од Армијата на Република Северна Македонија покрај постојаното присуство на највисоките државни и воени церемонии, во изминатиот период ја интензивира соработката со сродните единици од партнерските армии.
Како дел од билатералната соработка со Вооружените сили на Република Хрватска, денес македонските гардисти заедно со припадници од почесната чета на ВС на Хрватска имаа заеднички получасовен настап на кој ги прикажаа своите вештини.
На настапот кој се реализира пред Трговскиот Центар „Бисер“ во населбата Аеродром во Скопје, припадниците на двете единици пред присутните прикажаа изведби на кои демонстрираа висока строева извежбаност во работа со пушка.
Припадниците на баталјонот за почести ја прикажаа познатата точка ,,Егзерцир“, додека хрватските гардисти се претставија со своја воено акробаска вежба со модифицирана пушка. Врвната прецизност, синхронизираност и ефектите при ракувањето со оружјето го отсликаа подготвеноста и извежбаноста на овие две единици.
Активноста се спроведе врз основа на билатералната воена соработка во изведување на заедничка обука помеѓу двете армии, а ова е прв пат припадници на овие две гардиски единици да имаат заеднички настап.
Во претходниот период воениот оркестар на Армијата, кој исто така денес имаше кратка изведба, имаше повеќе заеднички настапи со воени оркестри на други армии, меѓу кои последниот беше во април кога настапија со воените оркестри на уште четири армии.
На денешниот настап кој беше отворен за јавноста присуствуваа државниот секретар во министерството за одбрана Драган Николиќ, директорот на генералштабот генерал мајор Зоран Милески, претставници од абасадата на Република Хрватска во Република Северна Македонија, министерството за одбрана и генералштабот, општина Аеродром, градот Скопје, воено дипломатскиот кор и други.