Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, учествуваше во состав на државната делегација, предводена од претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, на Самитот на НАТО што се одржа денес 8 јули 2026 година во Анкара, Република Турција.
На Самитот во Анкара, во усвоената декларација, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО уште еднаш ја потврдија непоколебливата посветеност кон колективната одбрана пропишана во членот 5 од Вашингтонскиот договор, трансатлантското единство и пристапот од 360 степени на одвраќање и одбрана. Притоа беше нагласено дека единството, солидарноста и колективната моќ е основа за мирот, безбедноста и просперитет за граѓаните на Алијансата.
Дополнително беа потврдени определбите за натамошно зајакнување на одбранбените способности преку зголемените инвестиции, развој на одбранбената индустрија, воведување на современи способности, вклучително и интегрирана воздушна и ракетна одбрана, беспилотни системи, сајбер и вселенски капацитети, како и примена на вештачката интелигенција. Сојузниците ја потврдија и континуираната поддршка за Украина, најавувајќи дополнителна воена помош, обука и опрема во текот на 2026 година.
Во рамките на Самитот, претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, истакна: „Мотото „Посилна Европа – посилен НАТО“ има големо значење. Голема и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилна Европа е Европа која живее во мир и демократија, заснована на принципи и вредности.“








