Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во првиот ден од новата 2021 година, придружуван од командантите на: командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, 1.пешадиска бригада, бригаден генерал, Бесник Емини, 4.пешадиски баталјон, потполковник Горан Трајаноски и првите и главни подофицери ги посетија припадниците на Армијата ангажирани на јужната граница во реонот на Гевгелија.
Во текот на денешната новогодишна обиколка на армиските припадници кои се од состав на четвртиот пешадиски баталјон, генералот Ѓурчиновски честитајќи им ја новата година изрази пофални зборови за професионалноста и ангажирањето во асистенција на припадниците на граничната полиција во спречување на нелегални преминувања, кое го реализираме во редовни ротации непрекинато веќе шеста година, во сите временски услови, грижејќи се за безбедноста на граѓаните и државниот суверенитет.
Во рамки на посетата, началникот на Генералштабот, од страна на одговорниот старешина на ангажираниот персонал беше информиран за актуелната состојба на овој дел од државната граница и обидите за нелегално поминување на државната граница во изминатиот период. На крајот од посетата началникот на генералштабот и командантите на единиците имаа заеднички ручек со војниците.
Генералот Ѓурчиновски во изминатиот месец во знак на поддршка за ангажманот на припадниците на Армијата во асистенција на институциите и помош на граѓаните во справување со спречување на ширењето на вирусот „Ковид-19“ ги обиколи припадниците од речиси сите единици од гарнизоните ширум Републиката.