Припадниците на Центарот за електронско извидување (ЦЕИ) од составот на Генералштабот на АРМ денес во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје со воена свеченост го прославија 9-ти ноември, Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа директорот на генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-мајор Димче Петровски, бригаден генерал Азим Нуредин, претставници од ГШ на АРМ, команданти на единиците на АРМ и други гости.
Од страна на генералот Петровски беше истакната професионалноста со која припадниците на оваа единица која е првопотчинета на ГШ на АРМ, во изминатиот период ги извршуваше поставените задачи.
Во својот говор пред присутните командантот на ЦЕИ потполковник Марјан Масевски по краткиот историски осврт, ја истакна улогата на оваа единица од АРМ во справување со современите предизвици.
Во пресрет на денот на единицата беше организирана крводарителна акција и спортски натпревари, а на прославата се прочитаа стимулативни мерки и врачени плакети, значки и благодарници.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, за ден на ЦЕИ е одреден 9-ти Ноември, датум кога е формиран родот Електронско извидување и противелектронски дејства во 1995 година.