Припадниците на Центарот за електронско извидување (ЦЕИ), на симболичен начин почитувајќи ги сите мерки и протоколи за спречување на ширење на вирусот „COVID-19“, го одбележаа 9 ноември – Денот на единицата.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, честитајќи го денот на единицата, изрази признание на припадниците на единицата за нивната посветеност и постигнатите резултати при соочувањето со предизвиците кои ги имаа во изминатиот период. Притоа назначувајќи ја улогата на центарот во актуелниот ангажман во поддршка на полицијата во справувањето со мигрантската криза. Воедно ја потенцираше важноста на развојот на ресурсите на овој витален капацитет за Армијата и за Република Северна Македонија, како полноправна членка на НАТО.
Командантот на ЦЕИ, мајор Игор Бошески , по краткиот историски осврт, упати благодарност за напорите и максималните вложувања, кои припадниците на овој специфичен род во Армијата ги вложуваа од нејзиното формирање, со што ЦЕИ прерасна во значајна алка во системот на одбраната на Република Северна Македонија.
На свеченоста, по повод денот на единицата беа прочитани честитки и унапредувања, а воедно беа доделени и стимулативни мерки за успешно извршување на задачите.
Со одлука на претседателот на Републиката и Врховен командант на Вооружените сили, за ден на ЦЕИ е одреден 9 ноември, датум кога е формиран родот Електронско извидување и противелектронски дејства во 1995 година.