Владата на Република Македонија донесе одлука за приклучување кон иницијативата за балкански регионален пристап кон противвоздушната одбрана – БРААД, а беа разгледувани и прашањата поврзани со иднината на воздухопловите кои не се оперативни, посочи заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев по денешната свеченост по повод Денот на воздухопловната бригада.
Воедно, заменик-министерот Димитриев, во контекст на прикажаните вештини и знаења на припадниците на Воздухопловната бригада, истакна дека одржувањето на високата оперативна способност на бригадата е приоритет за министерството.
Полковникот Кире Колевски, пред заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини, и останатите високи претставници од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија рече дека Воздухопловната бригада на АРМ е достоен наследник на настанот од 10 јуни 1992 година, кога беше остварен и историскиот лет на првиот воздухоплов во рамките на АРМ и независна Македонија. Реализираната мисија во Босна и Херцеговина, партнерските цели , модернизацијата на воздухопловите, декларираните единици, обуката и достигнувањето на стандардите на Алијансата, истакна полковникот Колевски, ја доведоа бригадата на ниво на компатибилност со останатите воздухопловни единици на НАТО.
За време на свеченоста, одржан беше и аеро-митинг на кој покрај воздухопловите на Воздухопловната бригада свое учество имаа и воздухопловите на Центарот за обука на пилоти, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување и др.
Основната мисија на воздухопловната бригада е остварување на блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, учество во мировни мисии и мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, ЕУ, и ООН како и поддршка на институциите во Република Македонија при справување со природни непогоди и други несреќи.