Припадниците на Командата за обука и доктрини на симболичен начин со постројување во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес го одбележаа 15 април – Денот на единицата.
За време на предвидените активности во целост се почитуваа протоколите и предвидените мерки за заштита и спречување на ширењето на вирусот Ковид -19.
На свеченоста присуствуваше заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на КОД бригаден генерал Методи Хаџи Јанев.
Во своето обраќање пред стројот, генералот Нуредин честитајќи им го денот на единицата, истакна дека обуката и стекнувањето на нови знаења и вештини се едни од најважните сегменти во војничката професија чии носители се припадниците на оваа команда.
Осврнувајќи се на мисијата на оваа команда, генералот Нуредин се осврна на обуката на основниот курс за подофицери која во моментов ја изведуваат инструкторите од оваа команда, која е значајна за оформување на квалитетен подофицерски кадар како клучен ресурс во изведување на обуката во единиците.
„Уште еден особено важен сегмент од вашата мисија, без кој Армијата не може да ги извршува правилно своите функции и ја достигнува бараната интероперабилност, а за кој токму оваа команда е најзаслужна е збогатувањето на Армијата со квалитетна воена стручна литература“, рече генералот Нуредин.
На свеченоста беа соопштени стимулативни мерки за припадници од КОД, меѓу кои е и војникот на доброволно служење на воен рок Душко Илкачев, кој со упорност и посветеност ги извршува секојдневните обврски, покажувајќи ги вредностите кои се потребни да ги поседува секој припадник на Армијата.
Одбележувањето на 15 април, како ден на Командата за обука и доктрини, е одреден во чест на пристигнувањето на првата класа регрути од регуларниот состав на Армијата на отслужување воен рок во 1992 година.