По повод Денот на Генералштабот на Армијата и четири години од членството на Република Северна Македонија во НАТО пред објектот на министерството за одбрана и Генералштабот се одржа свечена церемонија.
Ова е прво официјално одбележување на денот кога пред 32 години на 28.03.1992 година, отпочна да функционира Генералштабот како највисоко стручно и раководно воено тело во Армијата, кој ден симболично речиси се преклопува со нашето достигнување на стратегиската цел, членство во НАТО Алијансата кое се случи на 27.03.2020 година.
На свеченоста пред големиот дел присутни гости со пригоден говор се обратија, Вицепремиерот за европски прашања во Владата Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски.
Во рамки на свеченоста од страна на Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката Петровска се доделија признанија и стимулативни мерки за припадниците на Генералштабот и министерството за одбрана.
Генералштабот на Армијата од 1992 година, до денес, континуирано презема мерки и активности за успешно менаџирање и раководење со сите стратегиски и развојни процеси во Армијата, од своја надлежност. Овие процеси беа клучни за спроведување на одбранбените мисии и задачи и спроведување на реформите во одбраната, во контекст на достигнување на стратегиските цели и определби на Републиката.
По достигнување на полноправното членство во НАТО, Генералштабот остави неизбришлива трага во планирањето, организацијата и реализацијата на интегративен процес за целосно вено пристапување и интеграција. По потпишувањето на пристапниот протокол, се преземаа низа мерки и активности од Генералштабот со максимална посветеност на неговите вработени, и истите водеа кон успешна реализација на дефинираните задачи и обврски од интегративниот процес. Како круна на целиот процес беше потпишувањето на Заедничката декларација за целосна воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
Заслуга за овие достигнувања со нивната посветеноста и дадениот траен влог се сите сегашни и досегашни припадници на Армијата кои се или биле дел од Генералштабот.
Со одлука на Претседателот и Врховен командант на Вооружените сили, 28 март е определен за Ден на Генералштабот.
Одбележувањето на Денот на Генералштабот покрај централната свеченост се одбележа и со постројување на персоналот од Генералштабот на самиот ден на формирањето 28ми март.