По повод одбележување на празникот 2 Август, Денот на Републиката и Првото заседание на АСНОМ, делегација предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски положи свежо цвеќе на споменикот „Македониум“, споменикот на хероите на месноста „Слива“ и споменикот на бранителите на Крушевската Република „Мечкин Камен“ во Крушево.
Делегацијата предводена од командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини учествуваше во одбележувањето со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто во Скопје.
На прославата во Пелинце пред споменикот на Меморијалниот центар на АСНОМ со полагање на свежо цвеќе почит оддаде делегација предводена од командантот на Прва пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски.
Делегација од Армијата со полагање на свежо цвеќе оддаде почит и на спомен-обележјата на могилата на Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци, спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“ и споменикот на Даме Груев во село Смилево.