Во текот на денешниот ден, 7-ми август, во рамките на програмата за одбележување на „18-ти Август“ – Денот на АРМ, на Воениот стадион во Скопје со почеток во 09:30 часот се одржуваат финалните натпревари во фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг, шах и крос–кантри.
„Спортот нека ве зближува, а во натпреварите нека победат најдобрите“, беше главната порака на Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Горанчо Котески, во пригодниот говор кој го одржа пред почетокот на финалните натпревари.
Резултатите од финалните натпревари ќе бидат објавени на крајот од денот, кога ќе се комплетира богатата спортска програма и ќе ги добиеме најдобрите во своите дисциплини.
Армијата на Република Македонија од 2005 година е член на Советот на воени спортови. Во нејзиниот состав има државни репрезентативци во борење, бокс, биатлон, стрелаштво и атлетика.
Активностите од програмата за одбележување на „18-ти Август“ – Денот на АРМ ќе продолжат и во наредниот период. На ден 15.08.2013 година ќе се одигра ревијален натпревар помеѓу екипа на Фудбалската федерација на Македонија и фудбалската репрезентација на АРМ.