Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес во генералштабот оствари состанок со командантот на КФОР генерал-мајор Лоренцо Д’Адарио, кој престојува во редовна годишна посета на генералштабот на Армијата и министерството за одбрана.
На состанокот во генералштабот се опфатени темите од безбедносен аспект кои произлегуваат од меѓусебната соработка, како што се безбедносните предизвици во регионот и зоната на одговорност на мисијата, заедничките активности со силите на КФОР, размена на информации од взаемен интерес, како и активностите на мисијата.
За време на престојот во ГШ на Армијата, генералот Д’Адарио оствари средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Редовните годишни состаноци на највисоките воени раководители кои наизменично се одржуваат, се од особено значење за севкупната регионална безбедносна состојба.
Во 2007 година во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во составот на бригадата за логистичка поддршка чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што на посреден начин учествуваме во мисијата КФОР.