Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се наоѓа во еднодневна официјална посета на командата на КФОР во Приштина. За време на посетата генералот Ѓурчиновски оствари средба и разговори со командантот на КФОР, генерал-мајор Микеле Риси.
На средбата во Приштина, која е дел од планираните годишни состаноци се разговараше за актуелната безбедносна состојба во регионот и соработката на Армијата на Република Северна Македонија со силите на КФОР, при што се разгледувани и активностите на заедничка соработка во понатамошниот период.
Состаноците на највисоките раководители на Армијата и КФОР кои се одржуваат двапати годишно, се од особено значење за регионалната безбедносна состојба.
Придонесот кој Република Северна Македонија го дава од 2007 година преку координативниот центар за поддршка на силите на КФОР при транзитирање, царински процедури, користењето на армиските капацитети за медицинска евакуација во случај на потреба и други потреби од доменот на логистичкото обезбедување е истакнуван како особено значаен од страна на НАТО командата на здружените сили во Неапол, под чија команда се наоѓаат мировните сили на КФОР.