Делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, се наоѓа во еднодневна официјална посета на командата на КФОР во Приштина. За време на посетата се оствари средба и разговори со командантот на КФОР, генерал-мајор Џулиелмо Миљиета.
На средбата во Приштина, која се реализира на покана од командантот на КФОР се разговараше за актуелната безбедносна состојба во регионот, активностите околу справување со безбедносните предизвици и мигрантската криза, како и соработката на АРМ со силите на КФОР. Од двете страни беше истакнато дека и покрај одличната соработка помеѓу АРМ и силите на КФОР, постои можност за нејзино проширување во понатамошниот период.
Покрај посетата на командата на КФОР, генералот Величковски имаше и издвоена средба со амбасадорот на Република Македонија во Косово г-дин Илија Страшевски.
Во контекст на меѓусебната соработка, на почетокот на оваа недела во посета на АРМ престојуваше главниот наредник на КФОР Амедео Русо кој оствари средба со главните подофицери на АРМ и обиколка на Армискиот Полигон Криволак каде беа презентирани можностите кои ги овозможува полигонот за изведување обука.
Од јуни 2007 година во составот на Командата за логистичка поддршка на АРМ функционира координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.