Денес, 27 мај 2013 година, во ГШ на АРМ со високи воени почести беше пречекан Началникот на ГШ на ВС на Република Турција, генерал Неџет Озел на кого домаќин му е Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески. Претходно генералот Озел беше примен од Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а за време на престојот во ГШ на АРМ се сретна и со Министерот за одбрана Талат Џафери.
Главни теми за кои се разговараше во ГШ на АРМ беа: унапредување на билатералната воена соработка и можностите за соработка на полето на наменската индустрија. На средбата генералот Котески упати благодарност до својот турски колега за несебичната и искрена поддршка и помош која АРМ и Република Македонија ги добиваат од страна на Република Турција во напорите за целосна евроатланска интеграција на нашава земја, при што посебно беше потенцирана помошта од ВС на Република Турција во опремувањето на АРМ. Генералот Котески на средбата ја иницираше можноста за посета на експертски тимови од наменската индустрија на ВС на Република Турција, на фабриката ,,Еурокомпозит“ од Прилеп, со што ќе се воспостави соработката и во оваа исклучително важна област. Двајцата генерали се согласија дека соработката помеѓу двете армии ќе продолжи да се развива во нагорна линија, во чии рамки во наредниот период се очекува да биде проширена во делот на обуката на единиците за специјални операции со фокус на обуката за нуркачи.
Генералот Озел го изрази задоволството од соработката помеѓу двете армии, при што искажа подготвеност за понатамошно проширување на заедничките проекти за соработка помеѓу двете армии, особено на полето на военото образование и обуката. Тој нагласи дека Република Турција ќе продолжи несебично и безрезервно да ја поддржува Република Македонија на патот кон нејзиното полноправно членство во НАТО, како и давањето на конкретниот придонес во опремувањето на АРМ.
На средбата е заклучено соработката со ВС на Република Турција да се прошири и во делот на логистиката од кои се издвојува можноста за школување и специјализација на лекари од Воено-медицинскиот Центар на АРМ во високите воено-медицински образовни установи на турските ВС во делот за воздухопловна медицина, како клучна специјалност поврзана со военото воздухопловство.
Во високите воени школи на Република Турција од 1994 година до денес се школувале околу 640 високи воени старешини на АРМ, а Република Турција на АРМ & има донирано разни борбени возила и воена опрема во вкупна вредност од околу 16 милиони американски долари. Во наредниот период планирано е реализацијата на оваа програма од страна на Република Турција да достигне вредност од 20 милиони американски долари.