Денес, во Генералштабот (ГШ) на АРМ со високи воени почести беше пречекан председавачот на Воениот комитет (ВК) на ЕУ, генерал Патрик де Русиер, на кого домаќин му е началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
Генералот Русиер во изјавата за медиумите го истакна активното учество и придонесот на Република Македонија и АРМ во Европската безбедносна и одбранбена политика, со што јасно ја покажува посветеноста на патот кон ЕУ. Тој особено го потенцираше учеството на припадниците на АРМ во мисијата на ЕУ ,,АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, укажувајќи и на придонесот на АРМ со учеството на декларираните единици во рамките на борбените групи на ЕУ од 2012 и 2014 година. Претседавачот на ВК на ЕУ го потенцираше развојот на партнерските односи со ЕУ на полето на одбраната, како соодветен придонес во напорите на ЕУ за градење на регионалната стабилност, заради што искажа посебна благодарност.
Генералот Котески го нагласи конкретниот придонес на АРМ во мисијата на ЕУ, но и активното учество во борбените групи на ЕУ. Тој додаде дека на денешната средба од генералот Русиер побарал да се разгледа можноста за учество на армиите од земјите кои не се членки на ЕУ, во работата на ВК на ЕУ, како и учество на стручен персонал на АРМ во вежбите на силите на ЕУ во доменот на кризниот менаџмент. На средбата, НГШ на АРМ побара и вклучување на припадници на АРМ во процесот на едукација и обука во институциите на ВК на ЕУ, при што го истакна понатамошното учество на АРМ во мисијата на ЕУ и борбените групи, како израз на заложбите на Република Македонија кон активното членство во ЕУ и нејзините напори во придонесот на мирот и безбедноста во Европа.
Покрај унапредувањето на понатамошната соработка со ЕУ, на средбата со делегацијата од ЕУ се разговараше и за трансформацијата на АРМ и учеството на АРМ во мисите предводени од НАТО и ЕУ. Генералот Русиер за време на престојот во МО и ГШ на АРМ, оствари средба и со Министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Утре, претседавачот на ВК на ЕУ е предвидено да се сретне со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.