Командата на Бригадата за Југоисточна Европа ((South-Eastern Europe Brigade- СЕЕБРИГ) во Република Северна Македонија, со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово, официјално го означи отпочнувањето со работата во Република Северна Македонија.
Штабот на СЕЕБРИГ кој на ротационен принцип ја менува својата локација, ќе биде сместен во оваа касарна во периодот 2020-2026 година, со што Армијата на Република Северна Македонија покрај со учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ ја има приликата да се покаже како одговорен и добар домаќин во следниот шест годишен период.
На свечената церемонија на која свое обраќање имаа Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Претседавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи во кое го истакнаа значењето на оваа иницијатива за регионот и пошироко, се изврши и примопредавање на должноста командант на бригадата, помеѓу бригаден генерал Тудорика Петраче и бригаден генерал Аристедеис Илиопулос.
Церемонијата ја проследија и Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Премиерот Оливер Спасовски, Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорите, заменици на министрите за одбрана, замениците на генералштабовите и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата, како и градоначалникот на Куманово.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа Министрите за Одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Костанца, Истанбул и Лариса.
Единиците кои се назначени во Бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на тригодишен период.