Денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа брифинг на кој беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во Армијата. На брифингот присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорката на САД, Ангела Агелер, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Набавката на овие оклопни возила е во рамките на процесот за модернизација на Армијата и согласно плановите, првите возила од овој тип треба да пристигнат во нашата држава во текот на следната година.
На овој брифинг му претходеше еднонеделна заедничка работилница на припадници на Армијата со Институтот за безбедносно управување од САД, Националната гарда од Вермонт и 4. бригада за асистенција во безбедноста од САД. За време на работилницата беа разгледани досегашните начини и услови за прием на опремата, но и предизвиците кои би можеле да се појават при приемот на новите возила. Со оглед на тоа дека се работи за голема количина на делови и опрема, во текот на работилницата беа разгледани можните решенија за надминување на предизвиците, за подобрување на соработката со надворешните институции, како што е Царинската управа, која е клучна за приемот на средствата.