Високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт која ја предводи заменик на гувернерот, Моли Греј и командантот на Националната Гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт, која престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во генералштабот на Армијата и министерството за одбрана.
За време на посетата на министерството и генералштабот, делегацијата оствари средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринскана која присуствуваше и Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, додека генералот Најт имаше средба и со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Генералите Ѓурчиновски и Најт, за време на средбата разговараа за партнерството и соработка која со нашето полноправно членство во НАТО ја покажа успешеноста на оваа програма на соработка, која во голем дел е заслужна за достигнувањата на стандардите на НАТО од страна на нашите армиски припадници.
Меѓу останатото генералите разговараа и за процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учествата во мировни мисии, обука и вежби како и за понатамошната планирана соработка.
Mинистерката Шекеринска нагласи дека соработката со Вермонт остави силен печат врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата. „Високата бројка на наши војници и офицери кои учествуваа во соработката со Вермонт претставува силна препорака на Армијата на Република Северна Македонија и во НАТО. Нивното воено образование во САД позитивно ја смени нашата Армија“, истакна Шекеринска.
Заменик гувернерката Моли Креј посочи дека вратата на Вермонт за обуки и тренинзи на нашата Армија останува отворена и притоа се осврна на потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор.
Во текот на посетата од страна на генералот Најт на десет припадници од составот на баталјонот на воена полиција се доделија значки за посебни заслуги кои се признание за покажаната висока професионалност во извршување на задачите за време на претходната посета на делегацијата на НГ на Вермонт на нашата држава.
Во периодот од 1995 година до денес со НГ на Вермонт реализирани се голем број на активности преку кои припадници на Армијата се запознаваа со стандардите и обучуваа со тактиките и техниките на работење на Вооружените сили на САД, кои придонесоа во исполнувањето на потребните стандарди за полноправно членство во НАТО Алијансата.
Партнерската програма за соработка се реализира преку различни форми на обука, како што се:семинари, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување на заеднички вежби и друго.