Како дел од планираните активности помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда (НГ) на Вермонт, во посета на Република Македонија и АРМ се наоѓа главниот подофицер на НГ на Вермонт, главен наредник Тоби Квик. Посетата е дел од повеќе планирани активности со НГ на Вермонт во годината во која се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на партнерската програма за соработка со оваа сојузна држава на САД, која во 1993 година беше и прва американска програма за поддршка и развој со независна Република Македонија.
За време на посетата, главниот наредник Квик, заедно со неговиот домаќин главниот подофицер на АРМ, главен наредник Свето Цветковски и главните подофицери од првопотчинетите команди и единици извршија обиколка на тековната активност „Поддршка во одржување ниво 2 и 3“ која се изведува во техничко ремонтниот центар на АРМ, од страна на тим од НГ на Вермонт, а е дел од воената програма за соработка во тековната 2018 година.
Со потпишување на Меморандум за разбирање во 1994 година со официјализирање на соработката преку различните форми на едукација и обука со НГ на Вермонт досега повеќе од 4000 припадници на АРМ, имале можност да се запознаат со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната Гарда, вооружените сили на САД, како и со стандардите на НАТО.
Покрај останатото припадници на АРМ учествуваа во наменските сили ,,ФЕНИКС“ во мисијата ИСАФ во Авганистан, кога припадниците на АРМ беа распоредени заедно со припадници на НГ на Вермонт.
Денес, наредникот Квик ќе одржи предавање пред питомците од четврта година на Воената академија ,,Михаило Апостолски“, а за време на престојот во Република Македонија, ќе посети и други единици на АРМ.
Во текот на оваа јубилејна година на партнерската програма за соработка со НГ на Вермонт, покрај големи број на планирани активности предвидени се и возвратни посети на делегации на највисоко ниво на АРМ и НГ на Вермонт.