Од денес во дводневна официјална посета на Република Македонија и АРМ претстојува делегација на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од началникот на ГШ на ВС на Унгарија, генерал Тибор Бенко. Делегацијата во ГШ на АРМ беше пречекана со високи воени почести, каде домаќин му е началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
Генералот Котески искажа благодарност до Унгарија и ВС на Унгарија за безрезервната поддршка која Република Македонија и АРМ ја добиваат во напорите за полноправно членство во НАТО. Тој истакна дека посетата на генералот Бенко која е прва посета на еден началник на ГШ на ВС на Унгарија, ќе биде искористена за изнаоѓање нови патишта и форми за проширување на билатералната меѓуармиска соработка. Началникот на ГШ на АРМ посочи на остварување на конкретна соработка со НАТО Центарот за совршенство по воено-медицинска обука, кој е дел од ВС на Унгарија, а како можности за проширување на соработката, ги наведе и капацитетите на Центарот за обука на пилоти во АРМ, како и останатите капацитети за обука во АРМ.
Генералот Бенко го искажа задоволството од посетата на Република Македонија и АРМ, при што тој нагласи дека АРМ и Република Македонија ги имаат достигнато стандардите за членство во НАТО, што се огледа во нашето учество во мировните мисии и вежби на НАТО. Тој беше имресиониран од реформите на АРМ и учеството во мисиите предводени од НАТО и ЕУ и потенцираше дека и во иднина АРМ ќе ужива голема поддршка од ВС на Унгарија.
На средбата во ГШ на АРМ, гостите од ВС на Унгарија беа запознаени со реформските процеси во одбраната, трансформацијата на АРМ, новата организациско-формациска структура и учеството на АРМ во меѓународните мировни мисии.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Бенко беше примен од Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски.
НГШ на ВС на Унгарија, ќе има можност да ги посети Центарот за обука на пилоти и Воено-медицинскиот центар на АРМ каде ќе биде запознаен со капацитетите и можностите за обука на овие центри.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Унгарија официјално е воспотавена во октомври 2002 година, со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе години, соработката на АРМ со ВС на Унгарија се одвива на полето на јазичната обука, експертски разговори и едукација во различни области, како и реализација на заеднички вежби од военото воздухопловство.