Денес (21 април 2015 година) со високи воени почести во ГШ на АРМ беше пречекана висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Бугарија, предводена од Началникот на ГШ на ВС на Република Бугарија, вице адмирал Румен Николов кој се наоѓа во тридневна официјална посета на АРМ.
Во обраќањето пред медиумите Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, ја истакна соработката со ВС на Република Бугарија како исклучително значајна и која се одвива во духот на одличните добрососедски односи на двете држави. Изразувајќи благодарност кон гостинот за сестраната поддршка кон Република Македонија и АРМ, генералот Котески изрази очекување дека соработката помеѓу двете армии ќе се проширува, укажувајќи на можноста за обука на припадници на ВС на Република Бугарија во Центарот за обука на пилоти, Регионалниот Центар за односи со јавноста, како и организирање на заеднички вежби на Армискиот полигон ,,Криволак“. НГШ на АРМ оцени дека поддршката која АРМ ја добива од страна на ВС на Република Бугарија во регионалните иницијативи и форуми, претставува силен импулс кон јакнењето на безбедноста во регионот.
Адмиралот Николов соработката помеѓу двете армии ја оцени како успешна, при што нагласи дека во наредниот период таа ќе се интензивира со учеството на кадети од Република Бугарија на ,,Летниот Кампус“ на Армискиот полигон ,,Криволак“, како и во делот на воено-техничката соработка. НГШ на ВС на Република Бугарија понуди и можност за заедничка обука на припадниците на АРМ на полигонот ,,Ново Село“ во Република Бугарија, каде покрај припадниците на ВС на Република Бугарија, обука изведуваат и армиите на САД и Романија. Гостинот од Република Бугарија потенцираше дека Република Бугарија и понатаму ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија и АРМ на патот кон полноправното членство во НАТО, кое како што истакна е сосема заслужено.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на средбата со НГШ на ВС на Република Бугарија, искажа задоволство од соработката на полето на одбраната со Република Бугарија, која во наредниот период ќе се интензивира. Министерот Јолевски кон адмиралот Николов изрази благодарност за поддршката кон евроатланските интеграции, која нашава држава ја добива од Република Бугарија.
На средбата во ГШ на АРМ, покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, се разговараше и за трансформација на АРМ и искуствата од учеството во меѓународните мисии за поддршка на мирот.
За време на престојот во Република Македонија, НГШ на ВС на Република Бугарија, ќе посети дел од командите и единиците на АРМ, каде ќе се запознае со нивната мисијата, задачи и обука, а ќе има можност да посети и дел од културно-историските споменици во Република Македонија.