Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, денес (5-ти септември), спикерот на Сенатот на Канада г-дин Ноел Кинсела го посети Генералштабот на АРМ, кој беше срдечно пречекан од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
Во ГШ на АРМ спикерот Кинсела со делегацијата од Сенатот на Канада оствари средба со претставници на ГШ на АРМ и припадници на АРМ кои беа дел од последната ротација на контингентот на АРМ во мисијата ИСАФ во Авганистан.
На средбата, генералот Котески искажа благодарност до високиот гостин од Канада за поддршката која Република Македонија ја добива од Канада на патот кон полноправното членство во НАТО на нашата држава, при тоа нагласувајќи дека во изминативе петнаесеттина години, околу 300 припадници на АРМ се школувале во различни центри за обука во Канада, оценувајќи ја меѓуармиската соработка со Вооружените сили (ВС) на Канада како успешна.
Спикерот Кинсела го нагласи значењето на соработката на полето на одбраната со Република Македонија, при што посебно се осврна на учеството на АРМ во мировните мисии. Тој истакна дека припадниците на АРМ со нивното учество во мисиите се стекнале со висок рејтинг кај армиите на НАТО Алијансата.
Од разговорите беше заклучено дека АРМ треба да продолжи со одржување на стандардите на НАТО, при што достигнатите интероперативност и оперативна способност ќе го зголемат нејзиниот углед на меѓународен план.
Делегацијата од Канада искажа подготвеност за понатамошно јакнење и проширување на билатералната соработка со ВС на Канада, како и поддршка на Република Македонија за полноправно членство во НАТО.