Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, првиот ден од новата 2019-та година, ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево.
При денешната традиционална новогодишна посета на единиците на АРМ, Претседателот Иванов преку видео-конференциска врска им ја честита новата година на припадниците на АРМ во мировните мисии во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина, како и на припадниците распоредени на јужната граница.
Во рамки на посетата, Претседателот Иванов од страна на командантот на четвртиот механизиран пешадиски баталјон, потполковник Боро Латкоски, се информираше за актуелната состојба и мисијата и задачите на оваа единица, од состав на првата механизирана пешадиска бригада.
Во изјава за медиумите претседателот Иванов истакна: „Очекуваме оваа година да биде успешна за Армијата, односно Армијата да го добие тоа што и припаѓа, конечно да станеме членка на НАТО, да ја добиеме поканата и Македонија конечно да биде членка на НАТО“.
Врховниот командант, традиционално подари тв приемник на единиците од касарната, а на крајот од посетата, во придружба на генералите на АРМ имаа заеднички ручек со војниците.