Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне, денес престојуваше во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
Адмиралот Драгоне, по пречекот со високи воени почести, оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски по што следуваа заедничка средба со министерката за одбрана Славјанка Петровска, на која присуствуваше и амбасадорот на Република Италија, Н.Е Андреа Силвестри и тематски разговори помеѓу делегациите.
На средбата со адмиралот Драгоне, генералот Ѓурчиновски го истакна значењето на интензивирање на меѓусебната воена соработка и понатамошно развивање на иницијативите иницирани за време на минатогодишната посета на ВС на Италија.
„Континуираната поддршка од Република Италија за поинтензивно наше вклучување во структурите на НАТО, како и поддршката во областа на военото образование и обуката во специфичните области се од големо значење за нашата Армија. Воедно досегашната постигната доверба со заедничкото учество во меѓународните операции каде што Италија има раководна улога постојано се зајакнува“, истакна Ѓурчиновски.
Министерката Петровска изрази задоволство поради успешната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Италија, а посетата на адмиралот ја оцени како извонредна можност за прецизирање на начините на кои таа соработка ќе биде продлабочена.
„Северна Македонија и Италија се две сојузнички земји кои го делат истиот став за безбедноста на Европа и истите вредности и принципи – демократија, владеење на правото и почитување на меѓународниот поредок“, рече министерката Петровска.
На состанокот во однос на ситуацијата во Украина, министерката го истакна правото на оваа држава да ја брани својата територија и суверенитет и го поздравија проширувањето на Алијансата со новата земја членка Финска.
Важноста на стабилното инвестирање во модернизацијата и опременоста на Армијата, но и во човечките капацитети како бескомпромисна определба за зајакнување на одбраната. Сојузничката соработка во овој контекст во новата безбедносна ситуација во Европа е од огромно значење – се согласија соговорниците.
На тематскиот состанок во Генералштабот, покрај презентирање на мисијата и актуелните процеси согласно новата структура на сили во Армијата, се разговараше и за заедничкото учество во меѓународните операции, можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка со вклучување во штабните структури на НАТО во Италија, можна соработка на полето на специјалните сили, како и учеството во безбедносни иницијативи со поддршка на ВС на Италија
Адмиралот Драгоне ја искажа искажа безрезервната поддршка од ВС на Република Италија за зголемување на нашата интероперабилност и вклучување во активностите на НАТО и безбедносни иницијативи во кои учествува Италија.
Покрај поддршката во областа на военото образование и обука од страна на ВС на Република Италија, наши штабни офицери извршуваат задачи во состав на италијанскиот контингент во мисијата на „УНИФИЛ“ во Либан, воедно заеднички учествуваме во операцијата „КФОР“ и операцијата за истурено присуство во Бугарија.
Посетата на началникот на Генералштабот на ВС на Италија, која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, претставува јасно искажана доверба и признание за достигнатите стандарди и интероперабилноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои учествуваат во заеднички активности и се основа за понатамошно зајакнување на меѓусебните релации во воената сфера.