Високата воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, полковник Грегори Најт која престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во генералштабот на Армијата и министерството за одбрана.
По пречекот со високи воени почести, полковник Најт оствари средба со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
За време на приемот кај генералот Ѓурчиновски, полковникот Најт, на кого ова му е прва официјална посета на нашата земја како командант на НГ на Вермонт ја истакна билатералната соработка како успешен пример, истакнувајќи дека истата ќе продолжи и во понатамошниот период по нашето полноправно членство во НАТО со цел наша потполна интероперативност во бараните стандарди.
Генералот Ѓурчиновски истакна дека оваа соработка е особено значајна за нас бидејќи оваа година нашето дваесет и пет годишно партнерство и соработка ќе го потврди нашето скорешно полноправно членство во НАТО алијансата.
По остварените средби полковникот Најт и министерката Шекеринска дадоа изјави за медиумите на која се потенцираа облиците и придобивките од досегашната 25 годишна соработка.
За време на состанокот и разговорите со дел од клучниот персонал од генералштабот на делегацијата од Вермонт се презентираа актуелната состојба со процесот на трансформација на армијата, учествата во мировни мисии, обука и вежби, а се разговараше и за понатамошните планирани активности.
По активностите во генералштабот и министерството за одбрана, командантот на НГ на Вермонт во текот на денот ќе оствари средба и со Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски. Во текот на утрешниот ден ќе ја посети здружената оперативна команда и единиците стационирани во касарната „Боро Менков“ во Куманово, а во недела ќе присуствува на централната свеченост по повод одбележување на Денот на армијата во центарот за обука на вода во Охрид.
НГ на Вермонт претставува партнер на Армијата на Република Северна Македонија со кој се реализираат активности за соработка координирани преку воената контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии. Оваа програма се реализира преку различни форми на обука, како што се:семинари, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување на заеднички вежби и друго. Воената контакт програма и соработката со НГ на Вермонт, во голема мерка го помогна достигнувањето на припадниците на нашата армија на стандардите на НАТО во повеќе области.