Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, изврши обиколка на армиските припадници кои извршуваат задачи во КФОР во состав на регионалната команда Запад во Пеќ.
Притоа, претседателот Пендаровски и генералот Ѓурчиновски остварија средба со командантот на оваа команда, полковник Франческо Ферара каде се информираа за целите и севкупните активности на оваа команда во поддршка на мирот и безбедноста во Република Косово.
За време на средбата со припадниците на македонскиот контингент, пред врховниот командант и началникот на Генералштабот, од страна на командирот на нашиот состав се презентираа обврските, тековните активности и задачите кои ги извршуваат припадниците на Армијата во состав на мисијата КФОР.
Претседателот Пендаровски на 65-те армиски припадници им оддаде признание за професионализмот и посветеноста со која ги извршуваат поставените задачи, при што посочи дека тие ја претставуваат честа, професионалноста и моралот на сите припадници на македонската Армија.
Армијата на Република Северна Македонија, започна со директно учество во мисијата КФОР во состав на регионалната команда на КФОР – Запад со седиште во Пеќ, од ноември 2020 година, при што нашите припадници, заедно со припадници од армијата на Италија, извршуваат задачи кои вклучуваат патролирање и обезбедување на манастирот Дечани и командата. Штабниот елемент од контингентот извршува задачи во склоп на главната команда на КФОР во Приштина.