Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски и началникот на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија ги посетија припадниците на Армијата кои се ангажирани во гасење на пожарите во касарната „Мирче Ацев” во Прилеп и опожарените места во околината на селото Топлица.
Припадниците на Армијата распоредени во касарната кои се во постојана готовност за интервенирање во случај на потреба за зајакнување на силите на терен, на краток брифинг информираа за тековните активности коишто ги преземаат од почетокот на ангажирањето при гасење на пожарите во прилепскиот регион. Како што посочија, во прилепската касарна се одвива координација со припадниците на Армијата од неколку околни општини, нагласувајќи ја одличната соработка на Армијата со другите институции кои се вклучени во справување со пожарите.
„Огромна благодарност уште еднаш до Вас и до Вашите семејства. Никој нема да Ви го заборави овој извонреден напор што го правите. Се надевам дека пожарите нема уште долго да траат и ќе можете полека да се враќате на редовната воена служба и на Вашите семејства“, им порача претседателот Пендаровски на припадниците на Армијата.
При обиколката на опожарените места во околината на село Топлица, претседателот Пендаровски беше информиран за ангажираните армиски капацитети, како и за обврските на Армијата при локализирањето на пожарите во оваа област.
Од страна на претседателот Пендаровски и генералот Ѓурчиновски беше истакната големата професионалност и посветеност на сите армиски припадници кои безрезервно се ангажираат во гасењето на пожарите на сите критични локации ширум државата.