Со денешната воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, се изврши примопредавање на должноста командант на полк за специјални операции (пСО) на АРМ. Должноста командант на пСО од бригадниот генерал Орце Јордев ја прими бригаден генерал Методи Хаџи Јанев кој ја извршува должноста аѓутант на Претседателот на Република Македонија.
На свеченоста покрај министерот за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа генерали на АРМ, претставници од ГШ на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.
Досегашниот командант на пСО, бригадниот генерал Орце Јордев во својот говор кажа дека е чест и гордост повеќе од 23 години да се биде дел од оваа елитна единица на АРМ. Тој истакна дека предизвикот да ги зачува и надгради воспоставените високи критериуми на македонските „волци“ и „ренџери“, како командант на полкот доследно го има испочитувано залагајќи целиот свој потенцијал.
Новиот командант на пСО, бригаден генерал Методија Хаџи Јанев пред стројот истакна дека времето и безбедносните предизвици обврзуваат оваа единица да го задржи стандардот што е постигнат досега, да се даде свежина за да може да се одговори на сериозните закани од кибер просторот, асиметричните закани и современите технологии и да се зголеми психофизичката подготвеност и когнитивното знаење, за на таков начин да помогнеме и да ја оствариме нашата мисија и мисијата на АРМ. Исто така истакна дека целосната почит и доверба кон пСО од страна на државно и воено раководство треба да се оправда со иновативност, прифаќање чекор со современите закани за да станеме дел од евроатланската заедница.
Во своето обраќање пред присутните, министерката Шекеринска честитајќи им ги новите должности на генералите Јордев и Хаџи Јанев, го искажа на големиот углед што македонската Армија го ужива надвор од земјата стекнат со учеството во мисии и вежби. Воедно се заблагодари до сите припадници на АРМ кои досега учествувале во овие мисии за големиот воен и политички придонес кој го даваат за својата татковина, а дека приоритетите на државното раководство се понатамошно подобрување на условите за работа на АРМ.
Досегашниот командант на пСО, бригадниот генерал Орце Јордев со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за началник на штаб во ЗОК.
Во 25 годишниот развој, специјалците на АРМ со исполнувањето на многу предизвици, мисии и задачи, дадоа силен печат во професионализацијата на АРМ, на тој начин градејќи силна традиција и култ на единицата, достојни за почит.