На симболична церемонија, во согласност со протоколите и препораките за заштита од вирусот „Ковид 19“, во касарната „Илинден“ во Скопје се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјонот за специјални сили.
Со церемонијалниот чин на примопредавање на военото знаме на Баталјонот за специјални сили, во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и официјално се изврши смена на должноста командант на оваа армиска најрепрезентативна единица.
Должноста од досегашниот командант на баталјон, потполковник Ѓорѓи Вељовски ја прими потполковник Зариовски Оливер.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во своето кратко обраќање му оддаде признание на потполковник Вељовски за досегашната негова работа, со која остави свој белег во единицата, а на новопоставениот командант му ја честита должноста со порака за успешна работа и лидерство достојно за реномето на единицата.
Потполковник Ѓорѓи Вељовски, искажа благодарност до воениот колектив за досегашната соработка, притоа истакнувајќи дека единицата засекогаш ќе остане нераскинлив дел во неговата кариера.
Новопоставениот командант, потполковник Зариовски, кој досега извршуваше должност заменик на командантот во Ренџерскиот баталјон, им порача на присутните припадници на единицата дека ќе биде секогаш и секаде со нив и за нив, во остварување на препознатливото мото на волците „Секогаш и секаде први“.