Во текот на вчерашниот ден припадниците од единиците на АРМ кои во периодот од 06.06 до 17.06.2016 година учествуваа на најголемата воена вежба организирана во Европа од 1980 година наваму, во текот на која како дел од 31.000 припадници на Армии од 24 земји од НАТО и Партнерство за мир (ПЗМ) успешно ги извршија сите зададени задачи и стекнаа нови искуства.
Со последните сложени вежбовни активности кои се изведуваа во склоп на Денот за Високи Гости на вежбата „Анаконда-2016“, единиците на АРМ практично го завршија учеството во вежбовните активности а по завршеното затварање на вежбата повторно се спремни за извршување на своите редовни задачи во матичните единици.
Активностите кои се изведуваа на Денот за Високи Гости го проследија и министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски и делегација од АРМ предводена од командантот на здружената оперативна команда генерал мајор Васко Ѓурчиновски.
На повеќето локации каде се изведуваше оваа вежба и каде беа распоредени припадниците на АРМ, достојно беше презентирана висока обученост и подготвеност за изведување на сложени борбени задачи, како и потполната интероперабилност со процедурите кои се применуваат во НАТО.
Во изминатите десет дена единиците од Армијата на Република Македонија кои учествуваа на „Анаконда“ здружено со припадниците од другите партнерски армии изведуваа комплексни ситуациони вежби на повеќе нивоа согласно зададеното сценарио, при што ја презентираа компатибилноста со процедурите и стандардите кои ги користат НАТО партнерските армии.
Контингентот на АРМ е составен од 157 припадници од состав на третиот механизиран пешадиски баталјон во јачина на една чета, еден вод од баталјонот на воената полиција, припадници од полкот за специјални операции и штабен персонал.
Број на припадници на АРМ кој е респектабилен споредбено со големината на Армијата на Република Македонија и кој симболично е еднаков со бројот на припадници на АРМ кој учествуваше во поголемиот број од своите ротации на контингенти во мировната мисија ИСАФ.