Делегација на Армијата на Република Македонија предводена од Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски учествува на семинарот за воени доктрини за високи воени претставници од земјите членки на ОБСЕ, кој се одржува денес и утре во Виена, Република Австрија.
Учеството на македонската висока воена делегација на овој семинар е од големо значење поради можноста за размена на информации значајни за безбедноста и актуелните сигурносни ризици кои се присутни во регионот и светот, со учесниците на активноста.
На семинарот учествуваат претставници од земјите членки на ОБСЕ, меѓу кои и началници на генералштабови и други највисоки воени раководители, како и амбасадорите и постојаните дипломатски претставници во седиштето на ОБСЕ во Виена.
Фокусот на семинарот е насочен кон промените во воените доктрини на земјите членки на ОБСЕ нивното влијание врз безбедноста и сигурноста во земјите партиципанти во актуелната безбедносна констелација.
Генералот Величковски во пресрет на семинарот во амбасадата на Република Македонија во мисијата на ОБСЕ оствари работна средба со амбасадорот Кире Илиоски на која се разговараше за актуелните случувања и активностите на мисијата во ОБСЕ и за активностите на семинарот.
Исто така, за време на одржувањето на семинарот оствари средби со високи воени претставници од армиите на земјите членки на ОБСЕ, НАТО и партнерски земји.
Настанот претставува своевиден форум на ОБСЕ за соработка во одбраната и безбедноста, кој поттикнува меѓусебен дијалог и размена на мислења и искуства помеѓу високите воени претставници, во функција на зголемување на меѓусебното разбирање и унапредување на довербата, како и обезбедување на платформа за политички дискусии за ситуации кои од некои земји членки се сметаат дека се загрижувачки за безбедноста.
Со семинарот кој се одржува периодично на секои 5 години оваа година претседава Холандија, а одржувањето е во согласност со Поглавјето 2 од Виенскиот документ 2011 во кое се поттикнуваат земјите учеснички на ОБСЕ да одржуваат ваков вид на средби.
На семинарот од овој формат кој е седми по ред од формирањето на ОБСЕ, за првпат учествува македонска воена делегација на ова рамниште.