Во рамки на официјалната посета на Соединетите Американски Држави, македонската делегација, заедно со амбасадорката на САД, Анџела Агелер, оствари посета на полигонот за обука на Националната гарда на Вермонт – Итан Ален. За време на посетата беа презентирани капацитетите на полигонот, како и програмите и ресурсите што стојат на располагање во поддршка на билатералната воена соработка. Разговорите беа фокусирани на области од заемен интерес, со посебен акцент на:АБХО, планинско војување и заеднички воени вежби и обуки.
Во периодот 2019–2024, преку Програмата 333 и со поддршка на САД, беше успешно модернизирана четата АБХО на Армијата, преку набавка на нова опрема, реализација на обуки и блиска соработка со Агенцијата за намалување на заканите во одбраната (DTRA) и Националната гарда на Вермонт.
Дополнително, се продлабочува и соработката со Школата за планинско војување на САД, со цел развој на национален капацитет и сертифицирање на инструктори во оваа специфична област, важна за оперативната подготвеност на единицата на специјални сили.
Соработката продолжува и во 2025–2026 година со заеднички активности, вклучувајќи учество на Армијата на големите вежби Saber Junction 2025 и Immediate Response 2025, што ја потврдува континуираната и стратешка билатерална соработка. Исто така се разговараше за развојот на Армискиот полигон Криволак, кој со поддршка од САД станува стратешка платформа за заедничка обука и реализирање на мултинационални воени вежби. Со инвестиции во инфраструктура, логистика и стандарди за обука, АП Криволак се позиционира како регионален центар за НАТО тренинг, со потенцијал за поддршка на колективната безбедност .
Соработката помеѓу Република Северна Македонија и САД претставува пример за долгорочно партнерство и заедничка заложба за стабилност, отпорност и безбедност.