Во рамките на тридневната официјална посета на АРМ, висока воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, денес беше пречекана во Генералштабот (ГШ) на АРМ, од страна на началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
На разговорите во ГШ на АРМ пред гостите од НГ на Вермонт од страна на ГШ на АРМ беа презентирани трансфомацијата на АРМ, долгорочниот план за развој на одбраната и поддршка на меѓународните мисии, а се разговараше и за учеството во пост-ИСАФ и јакнењето на понатамошната соработка со НГ на Вермонт.
На средбата, генералот Котески го нагласи стратешкото партнерство со НГ на Вермонт преку кое АРМ во најголем дел ја реализира меѓармиската соработка со Вооружените сили (ВС) на САД, при што истакна дека таа треба да биде пример и поттик за проширување на соработката со оваа сојузна држава и во останатите сфери од општеството во Република Македонија.
Генералот Креј кој е за прв пат во официјална посета на АРМ како командант на НГ на Вермонт, истакна дека е горд на соработката со АРМ, особено на достигнувањата на АРМ кои се произленеи како резултат на реализираните заеднички проекти во изминативе години. На средбата присуствуваше и амбасадорот на САД во Република Македонија Н.Е. Пол Волерс кој потенцираше дека партнерството помеѓу АРМ со НГ на Вермонт и ВС на САД е докажано низ многу заеднички проекти, вежби и обуки, а како најдобра потврда за тоа го наведе заедничкото распоредување во Ирак и Авганистан.
Генералите Котески и Креј се сложија дека стратешкото партнерство и соработката со НГ на Вермонт ќе продолжи и понатаму, при што за негово зацврстување и проширување посебно ќе бидат дефинирани приоритетите, од кои беа издвоени военото образование, обуката, модернизацијата и развој на капацитети за распоредување и реакција во кризни состојби.
НГ на Вермонт претставува партнер на АРМ со кој се реализираат активности за соработка со Армијата на САД, координирани преку познатата воена контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии. Низ реализација на различни форми на обука и вежби од 1994 година до денес, поминале над 3000 припадници на АРМ, што даде соодветен придонес кон достигнувањето на стандардите на НАТО во повеќе области.