Денес, 3-ти февруари 2014 година во просториите на Министерството за одбрана (МО) и ГШ на АРМ се одржа церемонија за прогласување на најдобар спортист во МО и АРМ за 2013 година.
Признанијата и медаљите за најдобар спортист во МО/АРМ за 2013 година ги додели Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини. За најдобар спортист спортист во МО/АРМ за 2013 година во машка конкуренција е прогласен професионалниот војник Дарко Дамјановски за постигнатите успеси во нордиско скијање-Биатлон, а во женска конкуренција питомецот на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“ Благица Димитрова, која во изминатата година покажа високи резултати на натпреварите во атлетика.
На церемонијата, генералот Сејдини истакнувајќи го значењето на спортот и физичката култура за АРМ, нагласи дека спортот е нераскинлив дел од војничкиот живот и професија и дека неговата примена има директно влијание не само на здравјето, туку и врз борбената готовност на АРМ. Тој потсети дека спортот претставува задолжнителна содржина и редовна обврска на секој припадник на АРМ, заради што резултатите од редовната физичката проверка имаат значително влијание на професионалниот развој на активниот воен персонал на АРМ.
Заменикот на началникот на ГШ на АРМ ја искористи церемонијата да им се заблагодари на сите припадници на АРМ кои учествуваа на спортските натпревари во 2013 година, особено на меѓународен план, каде дадоа огромен придонес во афирмацијата, како на Армијата, така и на државата. Доделувајќи му го признанието на професионалниот војник Дамјановски, генералот Сејдини во името на припадниците на АРМ му посака успешен настап и добар пласман на претстојните Зимски Олимписки игри во Сочи.
Прогласувањето на најдобар спортист во МО и АРМ се реализира во организација на Меѓународниот Совет на воени спортови и претставува голем поттик и мотив за постигнување врвни резултати на припадниците на МО и АРМ во спортот, заради што ќе прерасне во традиција.