Денес, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод промовирањето на четворицата слушатели од Центарот за обука на пилоти од во чин поручник. На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Талат Џафери, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во МО, Сашо Стефаноски, командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Методија Величковски и други високи гости.
„Од денес Армијата е побогата за четири нови млади офицери – пилоти од првата класа слушатели на стручно оспособување и усовршување на родот авијација. Резултатите кои ги покажавте во текот на вашата обука се потврда дека нашата земја има младина која е способна и мотивирана за постигнување одлични резултати по високи светски стандарди“, истакна министерот Џафери.
Воедно, тој нагласи дека преку оваа свеченост каде е промовирана и првата жена-пилот во редовите на Армијата на Република Македонија може да се увиди дека и во пракса Министерството за одбрана ја спроведува резолуцијата 1325 на ООН по однос на родовата еднаквост.
Директорот на Центарот за обука на пилоти, Јаари Шрага, обраќајќи им се на четворицата промовирани пилоти рече: „Ве обучивме за секоја мисија со која може да се соочи секој пилот на хелокоптер и која ќе претставува предизвик во вашата кариера. Ви ги дадовме најважните и наефиксасните алатки со цел да ги изградите и да ги поддржите сите ваши идни летачки активности. Ние се гордееме со вас.“
Во рамки на договорот на Министерството за одбрана и „Елбит системи“ потребно е да се обучат 52 пилоти за потребите на воздухопловната бригада. Втората група на пилоти на хеликоптери за АРМ веќе ја заврши првата фаза од обуката, а наскоро се очекува да започне обуката на третата група и на кандидатите за пилоти.