Првата редовна класа офицери од генерацијата 1995-1999 година, заедно со дел од тогашните професори и командири, денес во Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, во касарната Гоце Делчев, на заеднички собир со еден наставен час, ги одбележаа јубилејните 20 години од своето промовирање во почетниот офицерски чин.
На собирот пред офицерите од оваа класа присуствуваа и се обратија: заменик на министерот за одбрана, Беким Максути, директорот на генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, сегашниот и поранешниот декан на Воената Академија, полковник Орце Поповски и полковник Стојче Дескоски.
Заменикот министер за одбрана, Беким Максути, кој исто така има завршено на Воената Академија, им порача на старешините од првата класа и на професорите на Воената Академија дека сите имаат постојана обврска да придонесуваат за одбраната, како со школување на квалитетни старешински кадри, така и со извршување на одговорните и раководни задачи во Армијата.
Генералот Милески, обраќајќи се кон старешините посочи на фактот дека сите офицери од оваа генерација се со високи офицерски чинови, меѓу кои и еден генералски и извршуваат раководни позиции, ни дава за право да бидеме сигурни дека она што е вложувано во военото образование од страна на професорите, инструкторите и раководители во текот на кариерата, денес го дава својот плод. Притоа истакна дека со вложениот труд и несебичното залагање оваа генерација веќе отпочнува да се обликува во предводник во раководењето со Армијата.
Деканите Дескоски и Поповски давајќи историски осврт на школувањето на оваа генерација питомци, го потенцираа значењето на самостојното воено образование и произведување на квалитетен кадар за функционирањето на Армијата и одбраната.
Пред 20 години на овој ден беше извршено промовирање на првата редовна класа на питомци во чин потпоручник, специјализирани за родовите: пешадија, артилерија, артилериско ракетни единици и ПВО, оклопно-механизирани единици, врски и инженерија. Со тоа Армијата ја доби првата генерација новопрофилиран тип на старешини, кои се едуцираа според стандардите на земјите членки на северноатланската алијанса.
Потребата за школување на сoпствен армиски кадар се појавува по осамостојувањето и формирање на сопствена армија, што отпочна со реализација со донесувањето на Законот за Воената Академија на 07 јуни 1995 година. На првиот конкурс за академската 1995/96 година од пријавени 820 кандидати е извршен избор на 142 кандидати, од кои по четиригодишното школување 123 се промовираа во чинот потпоручник.
Низ призмата на дводецениските случувања и сите поминати трансформации на Армијата, од вкупниот број на старешини што сеуште се во Министерството за Одбрана и Армијата, оваа класа гордо може да истакне дека од своите редови веќе има еден генерал, 11 полковници и 51 потполковник, од кои 33 лица се со завршена Командно Штабна Академија, 4 со Школа на Национална Одбрана, 9 магистри и 5 доктори на науки, кои извршуваат раководни позиции во Министерството за одбрана и Армијата.